
Пишува: Спец. д-р Алики Лазаревска
Употребата на мини импланти како упориште во ортодонцијата е веројатно најзначајниот напредок во ортодонтската пракса во последнo време и тие денес имаат се поголемо значење во клиничката работа. Развиени се многу различни системи на мини импланти со цел да се обезбеди коскено упориште и да се избегне употребата на дополнителни апарати кои се нелагодни за пациентите. Денес мини имплантите се рутински, безбеден и ефикасен метод за ортодонтско придвижување на забите. Поедноставните протоколи за нивно поставување и разновидноста на нивната примена во многу различни ортодонтски неправилности ги направи неизоставен дел од секојдневната работa и во многу случаи ја елиминира потребата од изработка на дополнителни апарати во заботехничка лабораторија.

Слично на денталните импланти кои се користат за надоместување на извадени заби, мини имплантите се мали шрафови (со дијаметар од 1,5 до 2мм) направени од титаниумска легура. Сепак, за разлика од денталните импланти кои се интегрираат во коската и остануваат во устата, мини имплантите се привремени - остануваат во устата неколку месеци додека се потребни и потоа се отстрануваат. Најчесто се поставуваат помеѓу корените на забите а нивната функција е да обезбедат стабилно упориште за да може да се придвижуваат одредени заби во саканиот правец без несакани придвижувања на останатите заби.
Но прашањето е зошто е потребно да се обезбеди упориште? За секоја сила на акција која делува на некое тело постои сила на реакција која е со ист интензитет но со спротивен правец. Овој основен закон на физиката важи и при ортодонтското движење на забите. Во ортодонтската терапија, придвижувањето на еден или група на заби во саканиот правец предизвикува еднакво придвижување на другите заби во спротивен правец кое најчесто е непожелно. Употребата на мини импланти го елиминира користењето на други заби како упориште и нема несакани придвижувања, со што ја прави терапијата полесна, побрза и поефикасна.
Мини имплантите се особено корисни при третманот на вертикални проблеми како што е отворен загриз или прекумерно еруптирање на заби заради губиток на спротивниот заб во вилицата. Порано, ваквите прекумерно еруптирани заби мораа да бидат умртвени и стругани за да се корегира висината. Денес, овие заби можат да бидат ортодонтски третирани со помош на мини импланти без стругање и ендодонтски третмани. Исто така, во случаи со гингивална насмевка (прекумерна видливост на гингивата при насмевка), мини имплантие овозможуваат интрузија на предните заби и постигнување на подобар естетски изглед. Со поставување на точна дијагноза и индикација, коскеното упориште со мини импланти може да се користи во третманот на речиси сите типови на неправилности.


*На сликите е прикажана пациентка со гингивална насмевка, третирана со мини импланти во нашата ординација каде е постигната интрузија (вовлекување односно подигнување) на горните инцизиви за период од неколку месеци.
Употребата на мини импланти нуди повеќе предности:
· ја елимира потребата за одредени апарати кои мора да се изработуваат во забната техника и кои се нелагодни за пациентот
· во одредени случаи ја елиминира потребата за носење на интермаксиларни ластичиња
· им овозможува на ортодонтите да третираат покомплексни случаи, дури понекогаш и да ја избегнат потребата од хируршка интервенција.
ПОСТАВУВАЊЕ НА МИНИ ИМПЛАТИ
Поставувањето на мини импланти е минимално инвазивна и безболна постапка. Откако ќе се аплицира локален анестетик, пациентот чувствува само нежен притисок при поставувањето на шрафот. Целиот процес трае кратко, околу 15тина минути. По завршувањето на постапката, може да се земе благ аналгетик доколку има потреба, но повеќето пациенти не чувствуваат болка. Додека мини имплантите се во устата, потребно е само беспрекорно одржување на орална хигиена, што важи за сите пациенти кои носат ортодонтски апарати. Кога веќе нема да бидат потребни, тие се отстрануваат многу лесно само со одвртување на шрафот без анестезија.



