Ортодонција

Ортодонција

Ортодонцијата е специјалистичка гранка на стоматологијата која се занимава со дијагностицирање, превенција и корекција на неправилности во положбата на забите и вилиците.
Ортодонцијата или дентофацијалната ортопедија е гранка од стоматологијата чија специјалност е проучување на растот на коските на лицето, дијагностицирање, превенирање и корегирање на неправилностите во положбата на забите и вилиците. 

Кривите заби или заби кои не се правилно поставени се многу потешки за чистење и имаат поголем ризик за преран губиток, бидејќи истите се  подложни на кариес и пародонтоза. Лошата поставеност на забите значи и поголем стрес за мускулите за џвакање кој може да предизвика главоболки, болки во темпоромандибуларниот зглоб и во вратот, рамото, како и во грбот.

Ортодонтот го одредува најдоброто решение за пациентот, кое се базира на претходно направен план на терапија кој вклучува целосна медицинска и дентална историја, клинички испитувања, студио модели од забите, специјални снимки и фотографии. Со правилни анализи, ортодонтот може да одлучи дали е потребна терапија, и ако е потребна, како правилно истата да се  спроведе.

Ортодонтските неправилности, наречени и малоклузии, можат да вклучуваат голем број на различни состојби. Во вродени малоклузии спаѓаат проблеми со растoт на вилиците, вроден недостаток на заби, прекубројни заби, тескоба и растреситост. Исто така, прераното губење или пак долгото задржување на млечните заби, цицање на прст, трауми или специфични дентални заболувања може да резултираат со  неправилност за која е потребна ортодонтска терапија.

Постојат многу видови на ортодонтски апарати, фиксни и мобилни, кои се употребуваат за да ги придвижат забите, да влијаат на мускулите и на растот на вилиците. Овие апарати функционираат со апликација на мал притисок на забите и вилиците.  Според видот и големината на ортодонтската неправилност, ортодонтот одлучува каков вид на апарат е потребен.


Ортодонтските апарати можат да бидат:

Фиксни протези – се состојат од брекети, кои можат да бидат метални или естетски (бели) во зависност од желбата на пациентот, а се лепат на надворешните или на внатрешните (лингвални) површини на забите и меѓу себе се поврзани со жици.

Мобилни активни протези – најчесто го покриваат непцето во усната празнина и се прицврстени на неколку заби, а со нив може да се постигнат одредени померувања на забите со помош на активни елементи за движење на забите или шрафови за ширење на вилицата.

Функционални мобилни апарати – обично тоа е еден заеднички апарат за двете вилици и  неговото дејство се базира на принципот на контролирање на растот на вилиците и адаптација на функциите на јазикот, усните и мускулатурата.

Clear aligner апарат - Оваа техника е вистински избор за оние кои не сакаат околината да знае дека носат протеза. Самата терапија се состои во индивидуална изработка на серија од проѕирни, пластични мобилни фолии, кои се едноставни за носење, лесно се вадат при јадење, пиење и миење заби.

•Други видови на дополнителни фиксни апарати: Hyrax, Headgear, Quad Helix, Carriere, Delaire-ова маска и др.

Во минатото ортодонтскиот третман бил пoистоиветуван со деца и тинејџери, меѓутоа во денешно време голем број на повозрасни пациенти се вклучуваат во ортодонтска терапија. Ортодонтите можат да помогнат на пациенти од различна возраст со цел постигнување на здрава и убава насмевка.

Дознајте повеќе за ортодонција во делот “што да очекувате” и “често поставувани прашања”.



Закажете преглед уште денес!

Ако имате било какви прашања или сакате
да закажете преглед, контактирајте не преку
телефон или на следната контакт форма.
Нашиот тим ќе Ви одговори во најбрз можен рок.
Закажете преглед уште денес!
Ортодонција | Dental Clinic Margita Smileva