
Гингивални рецесии: зошто пломбата не е секогаш вистинското решение?

ПАРОДОНТОЛОГИЈА | СОВЕТ ЗА ПАЦИЕНТИ
Пишува: Спец Д-р Димитар Нацевски
Повлекувањето на гингивата, познато како гингивалната рецесија не е само естетски проблем. Со повлекувањето на гингивата се открива дел од коренот, па забот може да изгледа подолг, да стане чувствителен, да боли на допир, ладно или топло и да биде поподложен на кариес или оштетување во пределот на вратот. Затоа најважното прашање не е само како да се покрие изложениот дел, туку зошто рецесијата настанала и како да се спречи нејзиното напредување.
Пломбата ја третира последицата, но не секогаш и причината
Во практиката изложениот корен често веднаш се покрива со композит или пак едноставно се третира со средство на база на флуор. Пломба е оправдана кога постои кариес или вистинска загуба на забна структура, но таа не ја враќа гингивата на нејзиното вистинско место, не го зголемува нејзиниот волумен и не ја коригира положбата на забот или коскената потпора.
Ако се постави без претходна проценка, може само да го прикрие проблемот, а несоодветно обликувана реставрација многу често дополнително да ја отежнува хигиената и идниот хируршки третман. Кога рецесијата е здружена со оштетување на вратот на забот, најдобар резултат често дава комбиниран реставративен и пародонтолошки пристап.
Зошто настануваат рецесиите?
Најчесто не постои една причина, туку комбинација од повеќе фактори:
• тенка гингива и тенка надворешна коскена ламина;
• заб поставен премногу кон усната или образот, понекогаш со дехисценција или фенестрација;
• плак, забен камен, хронично воспаление и нетретирана пародонтопатија;
• агресивно четкање, тврда четка и силни хоризонтални движења;
• збиени заби, висок френулум, плиток вестибулум или мускулно влечење;
• несоодветни пломби и коронки, пушење, пирсинг и повторувана механичка траума.
Четкањето не треба да биде поретко, туку правилно: со мека четка, контролиран притисок и техника приспособена на пациентот.
Ортодонтскиот третман може и да помогне и да одмогне
Ортодонцијата сама по себе не е причина за рецесија. Ризикот се зголемува кога заб со тенок пародонтален фенотип се движи надвор од коскената обвивка, особено при прекумерна протрузија или експанзија, воспаление и недоволна хигиена. Од друга страна, внимателното враќање на неправилно поставен заб во поповолна положба може да ја подобри прогнозата. Затоа пред терапијата треба да се проценат положбата на коренот, дебелината на гингивата и коската, постојните рецесии и планираната насока на движење.
Клиничка проценка и улогата на CBCT
Две рецесии со иста длабочина не мора да имаат иста прогноза. При прегледот се проценуваат ширината и длабочината на дефектот, интерденталната потпора, дебелината и количината на кератинизирана гингива, положбата на забот, воспалението, френулумот, вестибулумот и евентуалното оштетување на забната структура.
CBCT не е задолжителна за секоја рецесија. Се користи селективно кога тридимензионалната информација може да го промени планот - на пример кај повеќекратни рецесии, значително неправилно поставени заби или пред комбиниран ортодонтско-пародонтален третман. Со неа се проценуваат положбата на коренот, букалната коскена плочка и можните дехисценции или фенестрации.
CTG или FGG?
CTG (сврзноткивен графт) најчесто се избира кога целта е покривање на коренот, зголемување на дебелината на ткивото и природен естетски резултат. Особено е предвидлив кај правилно избрани случаи во видливата регија и може да се користи за една или повеќе соседни рецесии.
FGG (слободен гингивален графт) првенствено служи за зголемување на ширината на кератинизирана и прицврстена гингива. Корисен е кај многу тенко ткиво, плиток вестибулум или изразено мускулно и френуларно влечење, особено во долната фронтална регија, но може да има поинаква боја и текстура од околното ткиво.
Индивидуален план за стабилен резултат
Не секоја рецесија бара операција. Стабилните случаи без воспаление, прогресија, чувствителност или естетска пречка може да се следат. Кога е потребен третман, прво се контролираат воспалението, хигиената и механичката траума, а потоа се планира ортодонтски, реставративен, хируршки или комбиниран пристап.
Целта не е само привремено да се покрие коренот, туку да се создаде здраво, стабилно и функционално ткиво и да се намали ризикот од повторна појава.
Закажете преглед уште денес!
Ако имате било какви прашања или сакате
да закажете преглед, контактирајте не преку
телефон или на следната контакт форма.
Нашиот тим ќе Ви одговори во најбрз можен рок.

